Следете нѐ

ОСТАНАТО

Том Брејди и Патриотс го добија најчудниот Супер Боул во историјата

Њу Ингланд Патриотс го победија Лос Анџелес Ремс со 13:3 во 53-тото издание на Супер Боул и ја освоија шестата титула во НФЛ.

Требаше да биде спектакуларен натпревар на двата најдобри и најефикасни напади во лигата и да биде Супер Боул, за кој што долго ќе се зборува и ќе се памети со години.

Ќе се памети, секако, но како Супер Боул со најмал број на постигнати поени уште од далечната 1973-та година и како Супер Боул во кој Том Брејди (21/35, 261 јарди, 0 тачдауни, 1 интерсешн) ги замолче сите критичари и сега е без дискусија е најдобриот и најголемиот играч во историјата на американскиот фудбал.

Ова финале не беше неговиот најдобар натпревар во кариерата. Дури не беше ни во неговите најдобри 100 во кариерата. Но, кога тоа беше најпотребно и кога мораше нешто да се направи кога се кршеше резултатот, Брејди стапи на сцена и го направи своето.

Во чуден натпревар, Патриотс заминаа со водство на полувремето од минимални 3:0, со филд-гол поените на Гостковски на десет минути пред крајот на првиот дел.

Џеред Гоф (19/38, 229 јарди, 0 тачдауни, 1 интерсепшн) одигра далеку под своето ниво, но ниту Брејди и соиграчите не беа ништо подобри. Всушност, единствениот играч кој брилијаше на натпреварот беше неверојатниот Џулијан Еделман, кој на крајот заслужено беше прогласен за најкорисен играч на финалето (МВП).

Седум минути пред крајот, Рeмс добија можност за изедначување, ја имаа топката во свој посед и имаа доволно време да го одведат натпреварот до евентуално продолжување. Гоф почна да игра посериозно и го доведе својот тим до 27 јарди, но влезе во непотребен ризик и неговото додавање беше пресечено од дефанзивците на Патриотс, со што натпреварот веќе доби конечен епилог.

До крајот, Гостковски погоди нов филд-гол за конечни 13:3.

Со тоа, Патриотс предводени од Том Брејди и Бил Беличек ја освоија шестата титула во историјата и се изедначија со Питсбург Стилерс на вечната листа.

Том Брејди, кој веќе има 42 години, пред финалето изјави дека има 0% шанса да ја заврши кариерата по овој Супер Боул. Како што стојат работите, тој ќе биде тука уште најмалку една година и веќе никој не би се обложил дека династијата Њу Ингланд Патриотс под негово водство нема да освои нова титула.

Тој и Беличек освоија 16 дивизиски титули во 19 сезони, девет пати беа Конференциски победници и зедоа шест шампионски титули во НФЛ. На вечната листа на тимови со најмногу победи во плеј-офот, Патриотс се изедначија со Стилерс со по 36 победи. Следуваат Далас со 35 победи, па Грин Беј со 34 и Сан Франциско со 30 победи.

Следен е Том Брејди со 29 победи.

Повеќе од ОСТАНАТО