Следете нѐ

ДОМАШЕН ФУДБАЛ

Лидерот сигурен, се разигра и Вардар

Првопласираниот тим на табелата, екипата на Шкендија потешко од очекувањата стигна до победата над струмичка Беласица со 3:0.

Иако, резултатот не го покажува тоа, сепак на полувреме беше 0:0, а Шкендија дури во вториот дел успеа да го скрши отпорот на струмичани, со гол во 54-тата минута на Изаир Емини. Агим Ибраими со својот деби гол во 83-тата минута зголеми на 2:0, а конечниот резултат го постави Марио Маслак со автогол во 88-та минута од натпреварот.

Вардар со својот прв пролетен триумф над Македонија Ѓорче Петров со резултат 3:1, се врати на втората позиција на табелата. Филип Најдовски во 30-тата минута го донесе домашниот тим во водство, а три минути подоцна Џемаил Ибиши зголеми на 2:0 за сигурно водство на “вардарци” на полувремето.

Во вториот дел, засилувањето за “лавовите”, Остоја Стјепановиќ во 63-тата минута намали на 2:1 и ја врати неизвесноста во натпреварот, но повратникот во тимот на Вардар, Јуан Фелипе со гол во 74-тата минута го постави конечниот резултат (3:1).

На преостанатите натпревари, Шкупи славеше на тешкото гостување во Струмица кај Академија Пандев со 0:2. Најпрво, Трајановски си постигна несреќен автогол за водство на гостите, а во 78-та минута Виктор Ангелов ја завери победата на “чаирчани”. Работнички победи во Прилеп на гостувањето кај Победа со резултат 0:1, а единствениот погодок беше дело на Владимир Димитровски во 21-та минута. Во Кратово, Силекс и Ренова ги поделија бодовите, во единствениот натпревар без погодоци 0:0.

По комплетирањето на 21-то коло, Шкендија останува лидер на табелата со 47 бодови, 9 повеќе од второпласираниот Вардар кој има 38 бода, трети се Академија Пандев со 36 бодови, пред Работнички со 31 и Шкупи со 30 бода.

Во долниот дел на табелата се наоѓаат Ренова со 26 бодови, пред Македонија Ѓорче Петров со 22 бода,  Силекс со 21 бод, а Победа и Беласица имаат по 18 бодови на дното на табелата.

Резултати од ПМФЛ 21 коло:

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ 0:2

ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 0:1

ШКЕНДИЈА – БЕЛАСИЦА 3:0

СИЛЕКС – РЕНОВА 0:0

ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП 3:1

Повеќе од ДОМАШЕН ФУДБАЛ