Следете нѐ

ДОМАШЕН ФУДБАЛ

Каран: Имаме млади играчи, да изградиме тим за иднината

Екипата на ФК Шкупи ги финишира подготовките во пресрет на почетокот на пролетната сезона.

Кај чаирчани преовладува многу позитивна атмосфера, но сите во тимот се свесни дека сезоната нема да биде воопшто лесна, бидејќи речиси сите тимови значително се засилија во текот на паузата.

Тренерот на ФК Шкупи, Умит Каран, истакна дека првите натпревари ќе бидат многу сериозни, бидејќи тимот што тој ќе го води оваа полусезона ќе треба допрва да се формира и воигрува со текот на времето.

“Секако, направивме добар избор на фудбалери кои го засилија нашиот тим во овој преоден рок, но ќе биде потребно време да се стигне до максимална форма. Од почеток ќе имаме тешки натпревари, но ме радува фактот дека во тимот има фантастична атмосфера и дека сите се чувствуваат како едно семејство. Челниците на клубот направија одлична работа од аспект на организацијата, бидејќи сега повеќето играчи имаат свои соби во стадионот и се повеќе наликува на академија”, истакна турскиот стратег.

Шкупи ќе гостува во Кратово кај Силекс во првиот натпревар од пролетниот дел. Екипата од Чаир е една од најмладите во лигата, со просечна возраст од 23 години.

“Пред нас имаме многу важен натпревар, секој сака добар почеток, нормално и ние посакуваме победа на стартот. Имаме еден од најмладите тимови не само во нашата земја, туку можеби и во цела Европа. Нагласувам дека сите мораме да бидеме трпеливи и да му помогнеме на клубот, бидејќи со овој состав ќе добиеме силен и квалитетен тим за следната сезона, со одредени засилувања, за да бидеме уште поконкурентни “, додаде тренерот Умит Каран.

Натпреварот Силекс- Скопје ќе се одигра во недела (17.02) во 14:00 часот во Кратово.

Фото: ФК Шкупи

Повеќе од ДОМАШЕН ФУДБАЛ