Следете нѐ

МЕЃУНАРОДЕН ТЕНИС

Шок од Мелбурн: Енди Мареј ја завршува кариерата

Британскиот тенисер одржа прес-конференција пред почетокот на Австралиа Опен на која ги изненади присутните.

Иако планирал да се пензионира по Вимблдон, Енди Мареј призна дека најверојатно првиот Гренд слем оваа сезона ќе биде негов последен турнир. Причина за тоа е повредата на колкот од која не може да заздрави иако се лекува повеќе од една година.

„Не сум сигурен дека ќе можам да поминам низ овие болки и во следните 4-5 месеци. Сакав да се простам на Вимблдон, но изгледа дека нема да можам“, изјави Мареј.

https://twitter.com/AustralianOpen/status/1083552770794254336

Тој имаше операција на колкот во јануари минатата година и оттогаш одигра само 14 натпревари, без забележителни резултати. Сезоната ја заврши веќе во септември.

„Подобро ми е отколку пред шест месеци, но уште чувствувам силни болки. Можеби можам да играм, но тоа нема да биде на нивото од порано“, зборуваше низ солзи Британецот.

Во еден од најсилните периоди во историјата на тенисот, Мареј долги години беше дел од „големата четворка“, освои три Гренд слем турнири, два златни медала на Олимписките игри и 41 недела помина на чело на АТП листата.

Повеќе од МЕЃУНАРОДЕН ТЕНИС