Следете нѐ

РАКОМЕТ

Одличното второ полувреме ни донесе победа против Турција

Македонската ракометна репрезентација забележа тешка, но многу значајна победа со резултат 25:26, на гостувањето во Турција. Овој меч беше од огромно значење за нашите ракометари во битка за првата позиција на квалификациската група.

Македонските ракометари одлично го стартуваа натпреварот и по воведните 10 минути имаа +4 голови предност, најпрво водство од 3:7, а потоа и 4:8. Турскиот селектор побара минута одмор за своите ракометари, по што следуваше голем пад во играта на избраниците на Данило Брестовац, а домашниот состав тоа одлично го искористи и замина на полувреме со предност од два гола (13:11).

Советите на нашиот селектор на полувремето вродија со плод, па македонските ракометари заиграа многу подобро уште на стартот на вториот дел, но и домашните ракометари играа одлично па веќе в0 4-тата минута стигнаа до највисока предност од 4 гола (19:15).

Данило Брестовац побара минута одмор, а тоа како да ги подразбуди нашите ракометари кои веднаш по тајмаутот заиграа многу подобро и се вратија резултатски во натпреварот, намалувајќи ја негативата на само еден гол (19:18).

Во последните 15 минути од натпреварот, Македонија го креваше се повеќе квалитетот на играта, а Турците како да се изморија од силното темпо на натпреварот, почнаа да прават почетнички грешки, а тоа нашите ракометари максимално го искористија и го вратија водството во натпреварот, коешто знаеа умешно да го сочуваат до крајот на натпреварот.

Во последната минута, нашата репрезентација имаше еден гол позитива и напад за плус 2, но Кире Лазаров не погоди, па им остави простор на домаќините да имаат напад за израмнување на резултатот. Турците успеаја да упатат опасен удар буквално во последната секунда од натпреварот, но Митревски беше на висина на задачата и ја осигура тешката, но многу значајна победа за нашата репрезентација.

Во последното коло, Македонија ја пречекува репрезентацијата на Грција, в недела во Струмица, во меч во кој победа ќе значи и прво место за нашите ракометари во квалификациската група.

Повеќе од РАКОМЕТ