Следете нѐ

РАКОМЕТ

Последниот танц на Раул и Македонија?

Шпанецот. Дојде тивко во нашата земја, никој немаше слушнато за него ама баш ништо. Кој ќе каже дека го познавал, или работи во ЦИА или лаже.

Да, го знаеле оние што го пратат ракометот до најситните детали, но кај нас има малку такви, повеќе се оние што сакаат да се сладат на туѓа несреќа, така е во сите сфери на нашиот ни македонски ни живот.

Раул Гонзалес (49) е поранешен ракометар, настапуваше за Ваљадолид (1987-2005), каде што ја почна тренерската кариера како асистент (2005-2011), во истата улога продолжи во Атлетико Мадрид (2011-2013).

Огненото крштевање го имаше во Вардар, кога пристигна во Скопје во 2014-та година. Во стилот на Мурињо и Абрамович, Гонзалес и Самсоненко ја напишаа најсветлата страница од нашата ракометна историја.

Вардар со него правеше што сака дома (шампион 2015-16-17-18, Куп 2014-15-16-17-18) и во регионалното првенство (титула во СЕХА 2014-17-18), но и ја покори Европа во 2017-та година на ФФ во Келн, по што францускиот ПСЖ го купи и му дава плата 2 милиона евра по сезона.

Актуелниот селектор на нашата репрезентација не презеде во 2017-та година, кога бевме врел костен затоа што се менуваше генерацијата што ги нареди најголемите наши успеси.

Таа генерација се уште се менува, таа генерација е под палката на шпанскиот маестро, кој што „против сите ризици“ и препреки не одведе на европско и на светско првенство, каде што бевме конкурентни на сите натпревари.

Како никогаш досега, Македонија им парира на сите репрезентации со кои што се соочила. На ова СП, во Германија и Данска, бевме на чекор на две-три сензации, но реалноста не спречи. Едноставно, немаме квантитет, а квалитетот е тука! За ова, ќе спориме со секого!

Отровните стрели што летаат кон нашиот Раул, се момент на слабост – напаѓа оној кој што не знае што друго да каже, оној кој што има горчина во душата поради успехот на другиот. Раул е наш и никој не смее да го валка неговото име!

Раул не скока на нашата клупа, тој прави пируети, но не боксерски пируети, туку ракометни. Раул игра 7 на 6 затоа што е визионер и ревлуционер во ракометот, не затоа што ние сме му експеримент. Господа, повелете, со овој состав и во ваква констелација, направете повеќе. Некои од вас имаа шанса, другите немаат квалитет ни да бидат во редот да ја добијат.

Нашиот селектор има договор до 2020-та година, до европското првенство за кое што се уште не сме ги довршиле квалификациите. Да, загубивме од Грција, но имаме шанса за првата или втората позиција во групата, кои што водат на континенталниот собир во Австрија, Норвешка и Шведска.

Селекторе, ни требате. Си требаме едни на други, вие нам, а ние вам… Челници и функционери на РФМ, не дозволувајте една од нашите најубави ракометни епизоди, да заврши без среќен крај…

Повеќе од РАКОМЕТ