Следете нѐ

РАКОМЕТ

Очекувана симфонија против Србите, македонските ноти сакаме да ги слушаме и во Германија

Последниот контролен меч од отворен тип, помина во знакот на препознатливата македонска ракометна школа, која што последната деценија е призната и во светски рамки, за што потврда е и учеството на претстојниот мундијал во Германија и Данска.

За Минхен, нашите момчиња заминуваат со позитивни впечатоци, по победата против Србија со 37:31 (19:13), но тоа никако не смее да им биде параметар за настапот на светскиот самит. Ќе одиграме уште еден меч со Србите, зад затвоени врати во СЦ „Борис Трајковски“, кога ќе се испитуваат тајните варијанти.

Натпреварот во Скопје почна со водство на нашата репрезентација, но северниот сосед, кој што исто така игра на СП и е наш можен противник при вкрстувањето на групите А и Б ако поминеме во втората фаза, на стартот покажа заби во првите 10-тина минути.

Дуелот го одбележа атракцијата на Манасков, голот во контра од зад грб, со што поведовме со 10:7 и тогаш им стана јасно на неколкуте илјади присутни во нашиот спортски храм, дека репрезентативците ќе ги испратиме на пат со аплаузи.

Раул Гонзалез испитуваше и варијанти без голман, се играше често преку пикер, им се даваше слобода на бековите, крилата беа полетни како ретко кога. Сите линии на Ел Команданте, функционираа беспрекорно, што треба да се пренесе и во првиот меч против Јапонија, кој за нас ќе биде подеднакво важен како и последниот во групата Б, против Исланд.

Првата двоцифрена предност ја имавме во 42-та минута кога поведовме со 27:17. Сите ракометари добија минутажа, да го почувствуваат теренот. Најдобри стрелци беа Манасков и Кузмановски со по 6 гола, радува бестрашноста и дрскоста на младиот Серафимов кој што постигна два гола од пенал, но сите репрезентативци заслужуваат чиста 10-ка.

Македонија го отвора мундијалот на 11-ти јануари, против Јапонија, по што следуваат мечевите со Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. Најдобрите три селекции од секоја група продолжуваат во втората фаза по групи, а тројките од друштвата А и Б вкрстуваат и се селат во Келн.

Повеќе од РАКОМЕТ