Следете нѐ

МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ

Шпанците се загреваа против Бахреин

Во последниот натпревар од нашата група Б која се игра во Минхен на СП 2019, Шпанија славеше убедлива победа против Бахреин со 33:23. Актуелниот европски шампион рутински ги забележа првите бодови против на хартија најслабиот противник во оваа група.

По првиот дел, избраниците на селекторот Жорди Рибера имаа релативно мало водство од само пет гола, 16:11, но во вториот дел заиграа многу помоќно и мирно го доведоа натпреварот до самиот крај.

Феран Соле беше најефикасен кај Шпанците со седум погодоци, а одличен натпревар одигра и поранешниот “вардарец” Алекс Душебаев со пет постигнати погодоци. Кај Бахреин се истакнаа Хабиб и Ал-Сајад со по седум погодоци.

Македонија, Шпанија и Хрватска забележаа победи во првото коло и се наоѓаат на водечките позиции со по два освоени бода. Исланд, Јапонија и Бахреин се без бодови.

Бахреин е следниот противник на нашата репрезентација на отварањето на второто коло во 14:00 часот во недела. Шпанија ќе игра против Исланд, додека последниот натпревар од второто коло го заокружуваат Хрватска и Јапонија.

Sportmax.mk во Минхен – Борјан Неделковски

Повеќе од МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ