Следете нѐ

МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ

Вардар оди во Келн на Ф4!

Македонскиот шампион Вардар загуби на гостувањето во Сегедин со 29:25, но благодарение на победата од 31:23 во Скопје, “црвено-црните” заслужено трет пат по ред одат на Ф4 во Келн.

Почетокот на натпреварот беше катастрофален за Вардар, но со маестрално одиграното второ полувреме, “црвено-црните” ја добија четвртфиналната пресметка против унгарскиот шампион Пик Сегед во Лигата на шампионите со вкупен резултат .

Во пеколна атмосфера во салата „Вароши“ во Сегедин, Вардар одлично го почна натпреварот и по почетните пет минути мрежата на Милосављев сеуште беше незатресена. Веќе во 9-тата минута резултатот гласеше 3:3, а со голот на Криштопанс, Вардар дојде до водство од 3:4.

Во следниот напад, домаќините стигнаа до нерешен резултат, а Мораеш откако доби жолт картон, продолжи да приговара кон судиите, по што следеше негово исклучување. Тоа го искористија ракометарите на Пик Сегед, стигнувајќи до највисокото водство во тој момент од 7:4.

“Црвено-црните” влегоа во катастрофален период од играта, а домаќините со помош на публиката полека но сигурно почнаа да ја анулираат високата негатива од првиот натпревар.

Во 18-тата минута, резултатот гласеше 11:6 за Пик Сегед, а тоа беше аларм за Роберто Парондо да повика минута одмор за да ги смири своите ракометари. По тајмаутот, Карачиќ по долга пауза, постигна гол, но домаќините веднаш возратија со голот на Бомбач кој беше нерешлива енигма за одбраната на “црвено-црните” во првиот дел.

До крајот на полувремето, домашните ракометари веќе ја анулираа негативата од осум гола од Скопје и на одмор заминаа со предност од 17:9.

Исто како и во првиот дел, Вардар одлично го започна и второто полувреме и со бри два погодоци го намали резултатот на 17:11. Се продолжи со игра гол за гол, а клучен фактор за резултатското враќање во игра беше капитенот Стојанче Стоилов со неколку значајни погодоци.

Но, и Пик Сегед имаше свој клучен играч во името на Банхиди кој со погодокот во 35-тата минута повторно ги врати домаќините на позитива од 8 гола разлика, а во следниот напад преку Житников да дојдат и до највисоката предност од 9 гола односно 22:13.

Следеше ефикасен период каде и двете екипи успешно ги реализираа нападите, па во 40-тата минута резултатот гласеше 24:16.

Во продолжението од натпреварот, конечно Вардар заигра поцврсто во одбраната, а во елемент влезе и најстандардниот ракометар на “црвено-црните” сезонава, Дејан Милосављев кој одбрани неколку зицери и комплетно ги врати “вардарци” во натпреварот.

Вардар играше се подобро, а пристисокот растеше врз домашните ракометари кои откако почнаа да го губат тлото под нозете, растеше нервозата кај нив и почнаа да се служат и со неспортски потези. Во 46-тата минута останаа со само 4 ракометари во поле, поради грубата игра, а тоа “црвено-црните” знаеа како да го искористат и да стигнат до резултат од 25:21.

Стратегот на домаќините, Пастор беше принуден да повика тајмаут и да се обиде да ги крене своите ракометари, но беше тешко против фантастичниот Дејан Милосављев кој буквално ги откажа ракометарите на Пик Сегед.

На 10 минути до крајот на натпреварот, Вардар стигна и до негатива од само 2 гола при резултат 25:23 и веќе беше јасно дека трет пат по ред ќе патуваат на Ф4 во Келн во поход по нова европска титула.

Иван Карачиќ беше најефикасен во таборот на Вардар со осум погодоци, пет пати прецизен беше Криштопанс, четири гола постигна Дибиров, а три погодоци постигна капитенот Стоилов.

Повеќе од МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ