Следете нѐ

МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ

БОМБА ВО НАЈАВА: Вардар ја пронајде замената за Дејан Милосављев

По бурниот период во кој дури се предвидуваше и најцрно сценарио за РК Вардар, по освоената европска титула, работите се стабилизираа, а “црвено-црните” повторно ќе имаат респектабилен тим за највисок дострел.

Сепак, поради неизвесната иднина голем дел од актуелните играчи решија среќата да ја побараат во други европски клубови. Од Вардар летово си заминуваат Игор Карачиќ, Рожерио Мораеш, Глеб Калараш, Дмитри Кисељев, Јања Војводиќ и голманот Дејан Милосављев. Овие заминувања ќе остават голема дупка врз квалитетот на Вардар, па пред управата на „црвено-црните“ е напорно лето во кое ќе мора да обезбедат сериозни засилувања за да се надополнат големите заминувања.

Едно од најсензитивните места во тимот е голманската позиција, која со заминувањето на Дејан Милосављев во Фуксе Берлин ќе биде осетно ослабена. Како негова замена се споменуваше името на Никола Портнер од француски Монпеље, но најновите информации велат дека нов голман на Вардар ќе биде хрватскиот репрезентативец Филип Ивиќ од полски Кјелце.

Хрватскиот голман имаше договорен трансфер во германски Гумерсбах, но тимот испадна од првата германска лига, па до овој трансфер нема да дојде, па голема е веројатноста Ивиќ да го гледаме на голот на “вардарци” следната сезона.

Управата на Вардар и Ивиќ веќе имале првични разговори, а се очекува во периодот што претстои да се интензивираат преговорите и да се постигне договор, па “црвено-црните” и во следната сезона да имаат квалитетен голман меѓу стативите.

Повеќе од МЕЃУНАРОДЕН РАКОМЕТ