Следете нѐ

КОШАРКА

МЗТ Скопје како казнена експедиција низ Цетиње

Македонскиот вицешампион брзо го заборави првиот пораз на домашен терен во АБА 2 оваа сезона.

Несреќно загуби од лидерот Приморска, но шест дена подоцна си замина со двата бода од гостувањето кај Ловќен. Се вратија дел од играчите, дојде Самарџиски и тоа веднаш се почувствува во играта, па МЗТ Скопје славеше убедливо, со 67:85.

Особено импресивно беше второто полувреме во кое нашата екипа постигна 47, а прими 32 поена. Прво Ловќен се доближи на еден поен негатива (37:38), а потоа следуваше серија од 13:3 на аеродромци за водство од 11 разлика.

Пред крајот на третата четвртина МЗТ Скопје водеше и со 17 поени (43:60), па за последните десет минути ја остави само формалноста.

За разлика од првиот натпревар на овие две екипи во Скопје, нашиот претставник во АБА 2 сега успеа да го запре најдобриот играч на Ловќен, Алекса Поповиќ кој заврши со 17 поени, речиси половина помалку од 33-те во „Јане Сандански“.

Сепак, главната причина за оваа победа беше тоа што Ѓорѓи Кочов сега имаше поголем фонд кошаркари на располагање. Не играa Младеновски и Медфорд, но во тимот дојде Предраг Самарџиски, Соколов полека влегува во форма и на теренот помина 14 минути, а Симоновски речиси 18.

Тоа им даде можност за одмор на другите играчи иако најголемиот товар патна на петмина од нив. Којзнае кој пат оваа сезона најдобар беше Андрија Бојиќ кој постигна 23 поени и девет скока за индекс 30. Двоцифрени беа и Вудард и Стојановски, а лошиот ефект во нападот (1/8 за два), Иве Иванов го надополни со добра игра во другите сегменти, па заврши со уште осум скока и седум асистенции.

Ова беше директен дуел за второто место на табелата во АБА 2 на кое МЗТ Скопје сега е со две победи повеќе од Ловќен. Следниот противник би требало да е малку полесен, босанскиот Зрињски кого нашиот тим не би требало да го потцени бидејќи загуби од него во петтото коло.

*преземено од basketball.mk

Повеќе од КОШАРКА