Следете нѐ

КОШАРКА

МЗТ Скопје поразен од Сутјеска, ќе мора по потешкиот пат кон финалето

На коло пред крајот од основниот дел на АБА 2, единствениот македонски претставник ги загуби сите шанси да заврши како второпласиран.

Му беа потребни победи во последните два дуела, а зариба уште на првата пречка, на гости кај Сутјеска од која загуби со 91:79. Со оглед на тоа што Спарс претходно го победи Хелиос, разликата меѓу овие две екипи е два бода и меѓусебниот дуел во последното коло ќе биде само формалност, односно најава за нивната пресметка во полуфиналето.

За жал, босанскиот претставник ќе ја има предноста на домашниот терен, па МЗТ Скопје ќе мора да брка победа во Сараево за да се пласира во финалето, а потоа и за место во елитната АБА дивизија.

Натпреварот против Сутјеска беше решен уште во првото полувреме кога домаќинот направи предност од 19 поени (51:32). МЗТ Скопје ни во вториот дел не успеа да фати резултатски приклучок, напротив, домаќините го зголемија водството и во последниот период се влезе со +26 за Сутјеска.

Во последните десет минути домашната екипа се опушти и МЗТ Скопје успеа да се избори за пристоен пораз иако со голем број примени поени.

Најефикасни во тимот на МЗТ Скопје беа Вудард и Бојиќ, но далеку од нивниот вообичаен ефект. На спротивната страна блескаше поранешниот играч на “металците”, Никола Павличевиќ кој постигна 28 поени.

Ако има нешто добро од овој пораз за МЗТ Скопје е тоа што на претстојниот дерби дуел против Работнички во Градски парк нема да мора да се штеди бидејќи тоа е најважниот меч за тимот од Аеродром во овој период.

Повеќе од КОШАРКА