Следете нѐ

ДОМАШНА КОШАРКА

Здружението на кошаркарски играчи во Македонија ја осудува изјавата на тренерот Докузовски

Здружението на кошаркарски играчи во Македонија ја осудува изјавата на тренерот на КК Работнички, Марин Докузовски, која ја даде по поразот (80-44) од МЗТ Скопје Аеродром во првиот меч од финалната серија во плејофот. 

Соопштението го пренесуваме во целост:

Крајно ја осудуваме вчерашната изјава дадена во веб-порталите од страна на првиот тренер на кошаркарскиот клуб Работнички, г-динот Марин Докузовски во која тој директно ги навредува “домашните” – македонските кошаркари. Имајќи сета почит кон него како еден од најистакнатите и најреномираните тренери во историјата на кошарката во Македонија, сепак нема да дозволиме преку вакви изјави да се наруши угледот и реномето на македонските кошаркари. Сметаме дека ваквите изјави крајно и наштетуваат на кошарката во Македонија како и на македонската Прва кошаркарска лига и сметаме дека негативно влијаат кон афирмација на спортот и кошарката за која ние како домашните кошаркари се стремиме и работиме во годините наназад.

Наместо на наша сметка да бидат упатени пофалби и максимална поддршка, ние се наоѓаме во ситуација каде што во сопственото првенство сме деградирани и понижувани и тоа од страна на домашен тренер. Тренерот Докузовски во своите редови има дури 9 младински и сениорски репрезентативци на Македонија меѓу кои има и играчи кои заедно со него го освоија високото 4. место на Европското првенство во Литванија во 2011та година, кои не заслужуваат ваков однос и јавно понижување. Скоро во идентичен состав екипата на КК Работнички го освои Купот на Македонија пред 50-тина дена. Тогаш задоволен ли беше тренерот Докузовски?

Ние како Здружение на домашни кошаркарски играчи би прашале како би изгледало кога ние јавно преку медиуми би ја критикувале и оценувале работата на тренерите во Македонија?

Сакаме да ја искористиме оваа прилика и да апелираме до сите структури (тренери, играчи, клубови, судии, медиуми, здруженија и асоцијации, федерација и други) дека треба заедно да работиме на подобрување на статусот на кошарката во Македонија, никако да се понижуваме едни со други да бараме алиби или вина во другите, туку да ги засукаме ракавите и да работиме заедно. Ние како играчи преку нашето здружение стремиме кон тоа да добиеме професионален статус, да склучиме колективен договор со клубовите и федерацијата со што многуте недостатоци (условите за тренинг и натпревар, редовни и стабилни примања, пензиско и здравствено осигурување, подобрена едукација и правилен тренинг итн) би се регулирале. Со таквите промени сме повеќе од сигурни дека нашата игра ќе се крене на повисоко ниво и ќе се залагаме максимално за постигнување на големи спортски успеси во сите натпреварувања.

Спортски поздрав,

Здружение на кошаркарски играчи

Повеќе од ДОМАШНА КОШАРКА