Следете нѐ

ДОМАШНА КОШАРКА

Докузовски: Овие играчи се резерви, не го заслужуваат дресот на Работнички!

Марин Докузовски не можеше да остане рамнодушен на тешкиот пораз што го доживеа неговата екипа на стартот од финалето во домашното првенство.

Работнички не беше поразен, туку декласиран, уништен во „Јане Сандански“ на начин каков што не паметат ни многу повозрасни љубители на кошарката. Последната деценија беше турбулентна за најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, но и кога беше најтешко, вакви порази немаше.

Оттаму е разбирлива лутината кај Докузовски кој нема дилема за причините за дебаклот во Аеродром.

Добро го отворивме натпреварот, но жалам што не го искористивме моментот да направиме поголема разлика. Како одминуваше натпреварот, стануваше се појасно дека ние немаме сила, дека играчите се преморени да го издржат темпото.

Имавме многу отворени шутеви кои ги промашивме и МЗТ Скопје тоа го казни. Разликата на крајот од натпреварот не го одразува јасно односот на силите.

Ние немаме играчи за измени и кога немате ден, нормално е да случи ова. МЗТ си играше константно. Но, тоа не е она што ме нервира и разочарува. Кога се игра финале може да не оди шутот, може да не оди напад, но недозволиво е играчите да не се трудат и да не играат одбрана. За одбрана треба срце. Овие играчи на Работнички не заслужуваат да го носат овој дрес.

Работнички и МЗТ Скопје низ историјата играле финалиња и со послаби тимови, но тие биле борци и го давале последниот атом од силите.

Овие играчи се резерви, не се за првиот тим на Работнички, а за да се игра финале и да се освои титула потребни се квалитетни стартери. Најмногу ми е срам од непочитувањето, и на финалето и на клубот. Јас такви играчи не почитувам. Долго време сум во кошарката, на залез на кариерата сум, но вакво непочитување кон клубот, навивачите и историјата не сум видел. Нека се замислат, голем дел од нив имаат уште многу во кариерата, со ваков пристап не им се пишува добро.

Се бориме да има повеќе македонски играчи, еве видете дали го заслужуваат тоа. Ваков пораз не сум доживеал. Имате домашни играчи, гостински играчи и играчи. Нашиве не што не се гостински играчи, туку не се воопшто играчи“ – разочарано изјави Докузовски.

Повеќе од ДОМАШНА КОШАРКА